Балкан,Свет

Ердоган им порача на набљудувачите од ОБСЕ „да си го знаат местото“

Ердоган им порача на набљудувачите од ОБСЕ „да си го знаат местото“
(AP Photo/Emrah Gurel)

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган им порача во понеделникот на меѓународните набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), дека „треба да знаат каде им е местото“, откако го критикуваа неделниот референдум за уставните реформи со коишто се прошируваат овластувањата на шефот на турската држава.

„Прво, треба да си го знаете местото! Ние нема да ги разгледуваме и слушаме политичките мотивирани извештаи, кои вие ги подготвувате“, го цитира агенцијата Associated Press турскиот претседател Реџепт Тајип Ердоган.

Додал и дека референдумот во Турција бил „подемократско гласање“ од кои и да се избори коишто досега биле организирани во западните земји. Истакнал дека ниту ги „видел, слушнал или признал“ извештаите на набљудувачката мисија на ОБСЕ, но и дека некои европски држави повеќе се спротиставувале на уставните промени отколку самата турска опозиција.

Во обраќањето пред своите приврзаници собрани пред Претседателската палата во Анкара, Ердоган порачал дека со резултатите од референдумот завршиле сите дебати за промената на уставот и создавањето на извршното претседателство. Сега ќе започнам со спроведувањето на реформите, почнувајќи од правосудството, рекол турскиот претседател.

Едроган потенцирал дека воената операција „Штитот на Еуфрат“ којашто ја спроведува на територијата од северна Сирија, нема да биде последна операција од овој вид, туку прва и оти Анкара, ќе ги спроведува колку ќе бидат потребни во борбата против тероризмот.

Според изборната комисија која ги објави неофицијалните резултати по обработени 99,9 отсто од избирачкиот материјал, при одѕив од 86 проценти од вкупноот гласачко тело 51,3 отсто од гласачите ги подддржале уставните реформи, кои се најголемите во историјата на современата турска држава основана во 1920-те години.

Европските набљудувачи сметаат дека неделниот референдум не ги задоволил меѓународните демократски стандарди. Мисијата ОДИХР/ОБСЕ соопшти и дека не биле исполнети стандардите на Советот на Европа и констатираше дека техничката страна била добро организирана, но на избирачите не им биле обезбедени непристрасни информации за главните одредби од реформите.