Ердоган: Кобане може секој момент да биде заземен од ИД

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека сирискиот град Кобане „секој момент ќе падне“ во рацете на џихадистите. Тој нагласи дека е неопходна копнена операција за спречување на понатамошни акции на Исламска држава.

– Тероризмот нема да биде запрен додека не направиме соработка за копнена операција, изјави Ердоган во обраќање до сириски бегалци во камп во Газиантеп во јужна Турција.

– Поминаа неколку месеци и немаме никаков резултат. Кобане секој момент ќе падне, нагласи тој.

Турскиот претседател повтори дека државата итно ќе реагира на каква било закана врз гробницата Сулејман шах, што се наоѓа во северна Сирија и која Анкара ја смета за турска територија, јави турската телевизија НТВ.