Ердоган: Морам да го слушам турскиот народ, а тој сака смртна казна

Tурскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека турскиот народ сака повторно воведување на смртната казна, како и дека оној кој ја преводи земјата мора да ги слуша граѓаните.

Оваа изјава на Ердоган следи и покрај предупредувањата на европските лидери дека таквиот чекор на Анкара ќе ги прекине преговорите за членство во ЕУ.

– Што зборува денес турскиот народ? Тој сака повторно да се воведе смртната казна, а ние како Влада мора да го слушаме. Не смееме да кажеме „не“, тоа не не интересира, истакна Ердоган.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер претходно нагласи дека Турција не е во позиција набргу да стане членка на ЕУ доколку земјата воведе смртна казна.

Освен тоа, Ердоган изјави дека Анкара ќе ги исполни ветувањата од договорот за мигрантите со ЕУ, но нагласи дека Унијата не го почитува договорот.

Тој тврди дека ЕУ не и помогнала доволно на Турција.

– За жал, Западот досега не беше искрен, заклучи турскиот претседател.

Во меѓувреме, турскиот премиер Бинали Јилдирим истакна дека Босфорскиот мост во Истанбул во иднина ќе го носи името „Мост на мачениците од 15 јули“, во чест на цивилите кои загинаа спротивставувајќи се на обидот за воен удар.

Одлуката за преименување на мостот беше донесена вчера на владина седница.

Босфорскиот мост е еден од двата големи моста во Истанбул, кој ги спојува европскиот и азискиот дел на градот.