Ердоган: Можам да ги отворам вратите кон Грција и Бугарија и да ги качам бегалците на автобуси

Турскиот претседател во разговорите се осврнал и на ноемвриските напади во Париз, оценувајќи дека тие се последица на сиромаштијата и социјалната изолираност.

Тие луѓе се необразовани и Европа секогаш ќе ги смета за терористи, рекол наводно Ердоган.

Тој натаму нагласил дека Турција се бори против групата Исламска држава, против (партијата на сириските Курди) Демократската унија и против сите“.

Ердоган: Извештајот за напредокот на Турција е „скандалозен“

На средбата станало збор и за извештајот на Европската комисија за напредокот на Турција на патот кон ЕУ, при што Ердоган изразил незадоволство од неговата содржина, оценувајќи го како „скандалозен“.

Кој го напишал тој извештај? Како воопшто сте можеле да напишете нешто такво? Мнозинството од Турците не сакаат Турција да биде дел од ЕУ, зошто вие пишувате вакви извештаи, им рекол Ердоган на европските претставници.

Во извештајот за напредокот, објавен на почетокот на ноември минатата година, беше наведено дека Турција лани успорила во спроведувањето на реформите и дека е ограничен нејзиниот напредок во борбата против корупцијата и во гарантирањето на независноста на судството и слободата на медиумите.

Сајтот наведува дека во текот на разговорите Ердоган често им упаѓал во збор на Туск и на Јункер и бил видливо лут. Тој нагласил дека ЕУ ја разочарала Турција, а Јункер го обвинил дека не манифестира доволна почит кон него, нагласувајќи дека тој како поранешен премиер на малиот Луксембург, треба да покаже поголема почит кон 80-милионската Турција.

Луксембург е колку еден мал град во Турција, му порачал Ердоган на Јункер.