Балкан

историската посета зачинета со старите несогласувања Ердоган на почетокот на историската посета на Грција со домаќините размени обвинувања

Ердоган на почетокот на историската посета на Грција со домаќините размени обвинувања

Реџеп Тајип Ердоган, првиот турски претседател кој по 65 години ја посети Грција, договори со грчкиот премиер Алексис Ципрас покренување мерки за градење меѓусебна доверба, но во разговорите во Атина двете страни разменија обвинувања за старите несогласувања.

Темите за коишто разговараше турскиот претседател со грчките функционер се најразлични, од дискриминацијата на муслиманите на северот од Грција, до присуството на турската војска на поделениот остров Кипар, учеството во НАТО, како и за Договорот од Лозана од 1923 година со кој се дефинирани границите меѓу двете земји.

„Пројдовме низ критичен период во нашето соседство. Период на тензии во европско-турските односи, период на загрижувачки настани во нашиот регион, на Блискиот исток и во Европа“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во четвртокот.

„Оттаму, поважно од кога и да порано е да се јакнат нашите канали за комуникација. Тоа можеме да го сториме на основа на меѓусебно почитување“, истакна Ципрас.

Призна дека постојат стари несогласувања меѓу двете земји, но посака оваа посета да „отвори ново поглавје меѓу Грција и Турција“.

Ердоган на прес-конференцијата изјави дека Турција подобро го заштитува грчкото малцинство на своја почва, на што Ципрас му одговори дека на Грците не им паѓа на памет литургиите да ги одржуваат во џамијата во Атина, додека, напротив, во истанбулската Света Софија (Аја Софија поранешната православна црква во некогашниот Константинопол, денеска музеј) последните години редовно се чита муслиманската свете книга Куранот.

Ердоган, кој допатува во Грција во желба да ги подобри односите, дел од разговорот со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос му посвети на Договорот од Лозана. Смета дека овој документ од 1923 година треба да биде ревидиран, меѓу другото, поради заштитат на турското малцинство на северот од Грција, коешто се проценува на повеќе од 100.000 жители. Грчките власти го дискриминираат ова малцинство, како впрочем и другите и инсистира да ги нарекува „муслимани“ а не Турција, потсети турскиот челник.

Павлопулос, кој се повика на своето звање професор по право, рече дека споменатиот договор не треба да се ревидира.

„Дозволивме повторно да влезете во НАТО. Да не бевме ние, не ќе можевте повторно да влезете“, рече Ердоган пред Павлопулос, потсетувајќи дека Грција излезе Алијансата во 1974 година и повторно се врати во нејзините редови во 1980 година.

Грција и Турција се партнери во НАТО, но беа на работ на војна во 1974, во 1987 и во 1996 година поради острово Кипар, поделени на заедницата на кипарските Грци, меѓународно признаен и членка на Европската унија, и непризнаената турска Република Северен Кипар..

Во разговорот за грчката телевизија Skai од средата вечерта, Ердоган ги критикуваше Договорот од Лозана поради, како што оцени а тоа е генерален став и на сите турски влади досега, за погрешните пресметки за воздушниот и особено поморскиот простор со кој располага Турција, во однос на Грција, и е несразмерен во полза на грчката страна.

Иако односите меѓу двете земји се подобрени, многу Грци веруваат дека Турција има територијални претензии кон Грција, што Ердоган во Атина го негираше.

Ердоган, исто така, побара од грчките власти да ги екстрадираат на турското правосудство осумте турски офицери и војници кои побегнаа по неуспешниот обид за воен преврат од ноќта на 16-ти јули 2016 година.