Ердоган: На повидок е судир меѓу цивилизациите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди денеска на „судир меѓу цивилизациите“ по бранот напади на милитантни исламисти во Париз, и рече дека зад минатонеделниот напад врз сатиричниот весник „Шарли ебдо“ во Париз се кријат напади на исламот, пренесе МИА.

– Со голема загриженост ги следиме нападите на исламот, кои се кријат зад нападот врз сатиричното списание во Франција, рече Ердоган, кој стана се погласен критичар на она што го смета за растечка исламофобија на Западот.

– Наспроти сите наши настојувања тоа да го спречиме, тезата за судирот меѓу цивилизациите станува вистинита, рече турскиот претседател денеска на состанокот со бизнисмените во Анкара.

Не споменувајќи имиња, Ердоган исто така очигледно ги критикуваше француските власти поради тоа што дозволиле Ајат Бумејдин, сопруга на еден од вооружените напаѓачи, да отпатува во Турција во деновите по нападот, а за која се верува оти сега е во Сирија.

– Тие говорат за луѓе кои минуваат низ Турција, но би требало прво да научат како да ги проверат пасошите кога тие луѓе ја напуштаат земјата, рече тој.

Турција ја зајакна пограничната безбедност откако се соочи со критики дека дозволила на стотици европски идни милитантни активисти да преминат во соседна Сирија и да се приклучат кон радикални групи, вклучувајќи ја џихадистичката организација Исламска држава.