Ердоган остро му одговори на Трамп: Турција не е на продажба

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган остро одговори на заканата од американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја скастри американската финансиска помош за земјите коишто на денешната вонредна седница на Генералното собрание на Обединетите нации ќе гласат против признавањето од страна на САД на Ерусалим за главен град на Државата Израел.

„Денеска ќе има гласање во ОН, американскиот претседател истапува со закани. Лулката на демократијата бара гласови ширум светот кои може да се купат. Господин Трамп, вие не може да ја купите демократската волја на Турција за вашите долари“, изјави Ердоган на собир во турската престолнина Анкара.

„Апелирам на целиот свет… Никогаш не ја продавајте својата волја за ситни долари“, истакна Ердоган. Турскиот челник, исто така, изрази надежи дела САД нем,а да го добијат очекуваниот резултат „и светот ќе им одржи многу добар урок“ по демократија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека еврејската држава нема да го признае исходот од гласањето.

„Ерусалим е нашиот главен град, ќе продолжиме да градиме таму, а амбасадите на другите земји во Израел ќе бидат пренесени во Ерусалим“, изјави Нетанјаху нарекувајќи и ОН „дом на лагите“.

Генералното собрание на ОН ќе одржи во четврток ретка вонредна седница на барање на арапските и муслиманските земји за да се гласа за нацрт резолуцијата на којашто САД ставија вето на седницата во понеделникот во Советот за безбедност . Другите 14 членки на Советот гласа за резолуцијата којашто ја предложи Египет во која директно не се споменуваат САД и претседателот Трамп, туку се изразува „длабоко жалење поради неодамнешните одлуки кои се однесуваат на статусот на Ерусалим.

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, предупреди во вторникот во писмо упатено до десетици држави во светската организација, кое на увид го добила агенцијата Reuters, дека претседателот Трамп барал од неа да му ги пријави „оние земји кои ќе гласаат против нас“. Таа заканата ја повтори и во објавата на Twitter: „САД ќе направат список“.

Трамп во средата се закани дека ќе ја укине финансиската помош за земјите коишто ќе гласаат за резолуцијата во ОН во којашто се бара САД да ја повлечат својата одлука за признавањето на Ерусалим за престолнина на Израел.

Неколку високи дипломати, кои не сакале да бидат именувани, за светските агенции изјавија дека е тешко дека предупредувањето од американската амбасадорка ќе промени многу гласови на Генералното собрание каде што се ретко таквите директни јавни закани.

Во Генералното собрание на ОН, кое има 193 членки, никој нема право на вето, а Палестинците уживаат широка поддршка, што значи дека резолуцијата веројатно ќе мине. Резолуциите на Генералното Собрание, меѓутоа, имаат помала тежина од оние на Советот за безбедност и не се обврзувачки.