Ердоган планира во мај политички собир во Европа

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави во вторникот дека следниот месец во Европа ќе одржи политички собир, но одби да открие во која држава ќе биде настанот.

Ердоган во Анкара пред претставниците на неговата Партија на правдата и развојот (AKP) откри само дека политичкиот митинг ќе се одржи во една спортска сала.

„Во мај ќе го одржиме својот прв состанок во спортска сала во Европа, ако даде Господ. Сите подготовки се готови. Засега не сакам да кажам во која држава тоа ќе се случи“, рече турскиот претседател.

Ердоган влезе во жестоки дуели минатата година со европските челници при обидите на неговата партија да одржи собири во европските градови каде има голема турска дијаспора, во рамките на кампањата за референдумот за проширување на претседателските избори. Германија, Холандија и Австрија ги забранија овие настани и ги оневозможија собирите со учество на турски министри.

Ердоган минатата седмица распиша предвремени парламентарни и претседателски избори за 24-ти јуни, речиси година и пол порано од планираното.

За да ги зајакне своите позиции AKP направи сојуз со крајно десната Партија на националното движење (MHP). Во процес на обединување се и опозициските парии, па се очекува дека следните денови ќе бидат објавени имињата на нивните кандидати.

По претстојните избори на сила стапуваат уставните промени кои значително ја јакната функцијата на претседателот, кои беа усвоени на референдумот во 2017 година. Ердоган ги правдаше овие промени правејќи споредби со големите држави како САД, Русија и Франција, додека опозицијата тврди дека реформите го загрозуваат државниот демократски поредок.