Ердоган порача дека ја посакува Србија како пријател и земја на напредок, единство и слога

Tурскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган порача во средата во Нови Пазар на Санџак, каде што е бројно бошњачкото население, дека Турција и Србија ќе го чуваат меѓусебното пријателство, како и дека ја посакува Србија како земја на напредок во кој владеат единството и слогата.

„Ќе го чуваме нашето пријателство“, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган обраќајќи им се на насобраните жители на Нови Пазар, а на нивните овации на српскиот претседател Александар Вучиќ му ја стегна раката и високо ја подигна во воздух пренесуваат белградските медиуми.

Ердоган на вториот ден од својата официјална посета на Србија со домаќините допатува во Нови Пазар на Санџак, каде што мнозинство се Бошњаците, оценувајќи дека токму Санџак е „еден од најважните мостови“ кои ги спојуваат Србија и Турција, бидејќи ги поврзуваат државјаните на Турција чиишто корени се на Санџак и во бошњачкото малцинство во Србија.

„Се надевам дека нациите нема да нѐ одвојуваат туку дека Србија ќе нѐ спојува“, рече Ердоган и вети дека двете земји заеднички ќе придонесуваат за напредокот на Санџак и Нови Пазар како важен дел од Србија.

Турскиот претседател ги повика Србите и Бошњаците да живеат во заедништво и слога.

„Колку повеќе ќе бидете единствени и сложни, колку повеќе живеете како браќа, толку ќе бидете посигурни и подобро ќе живеете“, ја цитира агенцијата Танјуг пораката на Ердоган од Нови Пазар.

Неговиот домаќин, српскиот претседател Александар Вучиќ, порача дека наскоро ќе започне изградбата на проектот за дел од автопатот којшто преку западна Србија, Белград ќе го поврзува со Сараево и Подгорица.

„Нашата работа е да работиме колку што можеме и да ги развиваме деловите на Србија кои не се развиени како Белград. Нашата работа е да градиме патишта, болници, детски градинки и училишта, и ништо не е поважно од тоа“, порача Вучиќ.

Додаде дека знае оти во овој град нема да биде поздравен „ни половина“ колку Ердоган, но оти има чиста совест да излезе пред жителите на Нови Пазар и да каже дека „работев и ќе работам во најдобриот интерес на секој граѓанин на Србија, без оглед на верата и нацијата“

Според медиумските извештаи, Ердоган бил извонредно срдечно дочекан во Нови Пазар, а центарот на градот беше украсен со турски и српски знамиња, со пораки на турски, српски и бошњачки јазик, и со симболи на бошњачката заедница во Санџак.

Турскиот претседател Ердоган престојува во дводневна официјална посета на Србија, предводејќи бројна државна делегација во којашто има повеќе од 180 турски стопанственици, а во текот на првиот ден од посетата во вторникот со домаќинот српскиот претседател Вучиќ учествуваше во работата на деловниот форум на двете земји.

Србија и Турција ќе градат во иднина сѐ подобри односи и ќе ја унапредуваат економската соработка, порачаа во вторникот во Белград, Вучиќ и Ердоган на заедничката прес-конференција.