Ердоган порача дека Турција нема да бара дозвола за купување на рускиот систем С-400

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Турција не мисли од никого да бара дозвола дали смее да го купи рускиот ракетен систем С-400.

„Имаме договор со Русија за ракетите С-400 и некои се загрижени поради тоа. Жалам, но ние не прашуваме за дозвола„, изјави Ердоган при посетата на Киргистан. Руските производители најавија дека системите ќе бидат испорачани во Турција во март 2020 година.

Односите на Турција и САД се во сериозна надолна линија поради одбивањето на Американците да го екстрадираат турскиот свештеник Фетула Ѓулен да му се суди за организирање на обидот за државен удар во 2016 година. САД пак бараат од Турција да го ослободи американскиот евенгелистички свештеник Ендрју Бренсон.

Поради спорот околу екстрадицијата, како и турската набавка на системот С-400, САД се заканија дека ќе го раскинат договорот за заедничко производство и испорака на борбените авиони F-35 на Турција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.