Ердоган порача дека Турција може да ја преиспита својата позиција за членство во ЕУ

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави во дека Анкара може да ја преиспита својата позиција за приклучувањето кон Европската унија, доколку биде оставена да чека уште долго и доколку се задржи сегашниот непријателски однос кон турција од некои држави во Унијата, како и дека не може да се најде решение за сириската криза, доколку претседателот Башар ал-Асад остане на власт.

Ердоган изјави дека одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа неговата земја да ја стави под набљудување е „целосно политичка“ и Анкара не ја признава.

Кажа дека е подготвен на референдум да го стави и прашањето за приклучувањето кон ЕУ и дека Турција не може да чека до бесконечност, откако веќе 54 години стои пред вратата на ЕУ.

„Доколку тие не постапуваат искрено, ние треба да најдеме излез. Зошто да инсистираме уште долго? Зборувам за 54 години“, вели Ердоган во интервју за Reuters, дадено во претседателската палата во Анкара.

„Велика Британија ги праша своите граѓани и тие гласаа за Брегзит… Тие имаат душевен мир, тие одат кон нова иднина, истото го направи и Норвешка… истото може да се примени и за Турција“, додава турскиот претседателј.

Ердоган ги посочи претседателските избори во Франција, каде крајнодесничарската лидерка Марин Лепен се заканува со излез од ЕУ, и изјави дека заедницата е „пред распаѓање“.

„Една или две земји не можат да ја одржат ЕУ жива. Имате потреба од земја како Турција, различна земја, олицетворение на различна вера, тоа би ги направило многу посилни“, продолжува Ердоган.

„Но, се чини, дека државите членки на ЕУ не го осознаваат овој факт. Тие сметаат дека е многу тешко да прифатат муслиманска земја како Турција“, изјави Ердоган.

За војната во Сирија тој кажа дека конфликтот не може да биде решен се додека претседателот Башар ал-Асад останува на власт.

„Асад не е начинот за решавање на проблемот во Сирија. Сирија би требало да биде ослободена од Асад за да може да се појави решението“, кажа тој.

Ердоган, исто така, го спомена и намалувањето на руската поддршка за Асад. Според него, рускиот пртетседател Владимир Путин му кажал: „Ердоган, не ме разбирај погрешно. Јас не сум заштитник на Асад, не сум му адвокат“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.