Ердоган прогласи победа: Ова е ден за нова Турција

Турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган, прогласи победа на својата Партија на правдата и развојот (АКП) на локалните избори одржани во неделата и ги предупреди противниците да ја „платат цената“ бидејќи ковале заговор за негово симнување.

„Се разочараа оние кои што ја нападнаа Турција“, рекол Ердоган, обраќајќи се од терасата на седиштето на својата партија во Анкара пред илјадниците приврзаници.

Шеесетгодишниот Ердоган им се заблагодарил на сите оние кои се молеле за победата на АКП.

„Го поддржавте својот премиер, бескрајно ви се заблагодарувам. Заштитете ја независната борба на нова Турција“, рекол Ердоган.

Неговиот говор повремено бил прекинуван од извиците „Турција е горда на тебе“…

Ердоган ги обвинил своите противници, а поранешниот сојузник Фетулах Гулен, муслимански свештеник, кој живее во Пенсилванија во САД и има големо влијание во полицијата и судството, да ја урива неговата влада од странство.

Според прелиминарните резултати на изборите, АКП освои меѓу 44 и 46 отсто од гласовите, а главната опозициска Републиканска народна партија меѓу 23 и 28 отсто.