Балкан

Ердоган сака да гради џамија на Куба

Ердоган сака да гради џамија на Куба

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој синоќа пристигна на Куба, им предложи на кубанските власти Турција да изгради џамија во Хавана, по моделот на позната џамија во истанбулскиот кварт Ортакој.

– Проектот целосно ќе биде финансиран од Турција – посочи Ердоган.

На Куба има околу 4.000 муслимани и покрај Ердоган и властите на Саудиска Арабија посака да учествува во проектот за изградба на џамија. Но, Ердоган истакна дека Турција не бара партнер.

– Нашата архитектура е поинаква од саудиската. На кубанските власти им ги соопштив сите неопходни информации за проектот и им кажав дека сакаме сами да ја градиме џамијата – посочи Ердоган, додавајќи дека одговорот од кубанските власти „не бил негативен“.

Големата џамија во Ортакој е изградена од ерменски архитект во периодот од 1853 година  до 1855 година, за време на владеењето на султанот Абдулмеџид Први.

Ердоган во ноември минатата година на средбата на муслиманските лидери во Истанбул изјави дека Америка е откриена од муслимани, а не од Христофор Колумбо, како и дека во дневник на еден морнар пишувало дека забележал џамија на врвот на една планина на Куба.

Директорот на турската Фондација за религиозни прашања Мустафа Туткун претходно изјави дека планираат изградба на џамија во Хавана и во Сантјаго де Куба, а во проектот ќе учествуваат неколку муслимански земји.