Ердоган се дистанцираше од Парискиот договор поради ставовите на САД

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во саботата на крајот од самитот на Г-20 во Хамбург се дистанцираше од Парискиот договор за климата поради ставовите на Вашингтон,според кој САД излегуваат од овој глобален договор.

Турскиот челник изјави дека американската одлука за повлекување од климатскиот договор значи дека Турција е помалку подготвена да го ратификува договорот бидејќи американскиот потег ја загрозува компензацијата којашто им е ветена на земјите во развој.

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган рече дека кога Турција го потпишала овој договор, Франција ѝ ветила на Анкара некои компензации поради финансиските трошоци коишто прифаќањето на договорот би можело да ги предизвика на неговата земја.

„Така кажавме дека доколку та се случи, тогаш договорот ќе биде ратификуван во парламентот. Во спротивно нема“, рече Ердоган на прес-конференцијата, додавајќи дека турскиот парламент сѐ уште не го одобрил одговорот за климата од Париз.

„Оттаму, по овој чекор кој го преземаат САД, нашата позиција е поблиска на тоа договорот да не мине во парламентот“, рече турскиот претседател истакнувајќи дека на неговата земја треба повеќе да се гледа како на држава во развој отколку како на развиена земја, доколку се сака прифаќање на Парискиот договор во турскиот парламент.

„Им кажав на господинот (францускиот претседател Емануел) Макрон и на госпоѓата (германската канцеларка Ангела- Меркел дека додека не бидат исполнети ветувањата коишто ни се дадени, до тогаш тоа нема да мине во парламентот“, додаде Ердоган.