Ердоган остро ги преупреди Грција и Кипар за активностите во Медитеранот

Турскиот претседател ги предупреди денеска Грција, Кипар и меѓународните компании кои бараат природни енергенси во Сердоземното Mоре да „не ја пречекоруваат границата“ и да не ги загрозуваат човековите права.

Во спорот околу можните наоѓалишта на природен гас пред брегот на Кипар, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган предупреди на натамошни дупчења и порача дека турските сили се подготвени за секаков вид дејство.

„Во моментов нашите воени бродови, воздухопловните сили и другите безбедносни единици точно го следат развојот на настаните во регионот, со овластување, доколку е неопходно, да преземат секаков вид на дејство“, рече Ердоган.

Ги предупреди Кипар, Грција и меѓународните компании, да не прават погрешни пресметки. Од петокот наваму турски воени бродови го попречуваат бродот за дупчење изнајмен од италијанската енергетска компанија „Eni“ да стаса до поморскиот регион југоисточно од кипарскиот град Ларнака, каде треба да започне дупчење за пронаоѓање на можни извори на природен гас.

Ердоган уште порача дека опортунистичките обиди нема да ѝ избегаат од видот на Турција. Странските компании, рече Ердоган, не треба да ѝ веруваат на грчката страна и не треба да се вовлекуваат во акции кои ги надминуваат нивните овластувања и нивната моќ.

Турција се противи на дупчењето за барање на природен гас, наведувајќи дека кипарските Грци не ги почитуваат „неотуѓивите права“ на кипарските Турци на природните ресурси и оти ја загрозуваат стабилноста на регионот. Многумина во Турција ја обвинуваат Грција дека полага права на ненаселените острови во близина на турскиот дел од брегот на Егејското море.

Кипар од 1974 година со турската интервенција е етнички поделен на грчки – јужен дел Република Кипар која е членка на Европската унија, и на турски-северен дел Република Северен Турски Кипар, која е признаета само од Анкара.

Турските власти наведоа дека владата на Кипар, која го контролира јужниот дел на островот, се однесува како единствен сопственик на островот и предупредија дека ќе биде одговорна за какви било последици.

Италијанската компанија „Eni“, француската „Total“ и американската „Exonmobill“ поседуваат лиценци за барање на природни енергенси во Средоземното Море, јужно од Кипар.