Ердоган: Уривањето на рускиот бомбардер беше „трагична ситуација“

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ланското уривање на рускиот бомбардер Су-24 од страна на турски ловци, го нарече „трагична ситуација”, јави ТАСС.

– Таа трагична ситуација со авионот остана како црна дамка (врз билатералните односи), рече Ердоган по средбата со рускиот претседател Владимир Путин, на која присуствуваа и претставници на бизнис секторот од двете земји.

Како друг фактор кој негативно влијае на руско-турските односи, Ердоган ја посочи дејноста на исламскиот духовен водач Фетулах Ѓулен.

– Терористичката организација, оние кои стојат зад неа, ги начнаа и нашите односи со вас. Ноќта на превратот во Турција, на 15 спроти 16 јули е најтемната и најкрвавата во историјата на Републиката. Благодарение на самопожртвуваната борба на нашиот народ, таа опасност која надвисна над нашата демократија, над нашата република, беше отсртанета, рече Ердоган.

На средбата станало и збор за последиците од обидот за преврат врз турската економија. Турскиот лидер смета дека „силната турска економија” нуди можности потешкотиите да бидат надминати, а стабилноста да биде сочувана, кое се одрази и на берзите.

И покрај тоа што се појавија извесни потешкотии во економијата, сите проекти во Турција продолжија со својата реализација, заклучи Ердоган.