Ердоган: Засекогаш ќе бидеме на Кипар

Повлекување на турските сили од северниот дел на Кипар не доаѓа во предвид, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, наведувајќи дека Атина и кипарските Грци и понатаму имаат „различни очекувања“ во однос на кипарските Турци за прашањето за решавање на проблемот со поделениот остров.

Тој наведе дека кипарските Турци „интензивно работат“, но грчката страна повторно избегнува решение за Кипар.

– Јасно им порачавме на Кипар и на Грција дека не треба да очекуваат решение без Турција како гарант. Таму вечно ќе бидеме, посочи Ердоган по петочната молитва во Истанбул.

Неговата  изјава уследи еден ден откако преговорите за Кипар во Женева завршија без постигнуавње договор, но беше ветено дека ќе продолжат на ниво на експерти на 18 јануари.

Составот на учесниците на средбата на 18 јануари ќе биде ист како и на вчерашната средба во Женева – претставници од ОН, на двете заедници на Кипар, Велика Британија, Грција, Турција и на ЕУ.