Ернест: Турција да го спречи преминувањето на борци на ИД во Сирија

Американскиот претседател Барак Обама денеска имаше телефонски разговор со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган, при што му изрази сочувство за жртвите од завчерашниот напад во Анкара, во кој загинаа 28 лица, соопшти портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.

Како што јави ТАСС, тој нагласи дека Обама и Ердоган разговарале и за состојбата во Сирија, при што истакна дека САД бараат од Турција да вложи повеќе напори за запирање на преминувањето на екстремисти од турска на сириска територија, каде и се приклучуваат на терористичката група Исламска држава.

– Турција затвори некои делови од границата со Сирија за да спречи преминуавње на странски борци, но тоа не е доволно и Анкара мора да вложи поголеми напори. Некои делови од турската граница и натаму остануваат отворени за преминување на борци, кои и се приклучуваат на ИД, истакна Ернест.