„Ерзурумспор“ дава 25 милиони евра за Барди

Новиот турски прволигаш, екипата на „Ерзурумспор“ понудила 25 милиони евра за играчот на „Леванте“, македонскиот репрезентативец Енис Барди, колку што изнесува откупната клаузула, јавуваат медиумите во Турција.

Според турскиот весник „Еркхабер“, Барди иако во неколку наврати истакнал дека не сака да си замине од Ла Лига, тој бил понуден на новиот турски прволигаш преку менаџери, а самиот фудбалер побарал време да размисли пред да донесе одлука.

Барди(23) одигра фантастична сезона во Ла Лига, пред се на почетокот и на крајот од сезоната. Поради своите игри за него интерес покажаа голем број екипи од Шпанија како Бетис, Виљареал, Валенсија, но и гиганти како ПСЖ и Интер.

Постигна девет гола во Ла Лига, од кои пет од слободен удар, а особено добро ќе го памети и Барселона на која и постигна два гола и и го нанесе првиот и единствениот пораз во сезоната.