ЕСА: Бугарија продолжува да го негира македонското малцинство

Бугарија која е веќе осум години земја-членка на ЕУ, одбива да регистрира член на ЕСА (Европската слободна алијанса), ОМО Илинден Пирин како легална политичка партија, едноставно поради тоа што го негира македонското малцинство и правото на самоопределување, потенцираат од европската политичка партија.

Како што јавува дописникот на МИА од Париз, во соопштение за јавноста ЕСА истакнува дека Бугарија не само што се спротивстави на одлуката на Европскиот суд за човекови права, кој ја осуди земјата за дискриминација, туку, постојано го крши членот 2 од Договорот за ЕУ, како и членовите 21 и 22 од Повелбата за фундаменталните права кои го штитат правото на самоопределување и заштитата на малцинствата.

ЕСА преку својот европратеник Жорди Себастиа, го отвори ова прашање уште еднаш во Европскиот парламент кон крајот на 2014 година, барајќи од Европската комисија да преземе мерки и да се прекине дискриминаторската политика на Бугарија. Во почетниот одговор на еврокомесарката Јурова, које е одговорна за родова еднаквост и правда, индиректно признава дека „Бугарија ги крши основните принипи на ЕУ“, но притоа истакнува дека „Европската комисија нема ингеренции да интервенира“.

Во продолжение на прашањето, ЕСА и Жорди Себастиа истакнуваат дека е многу очигледно оти Комисијата со тоа што не интервенира кога некоја земја-членка ги прекршува основните Договори на ЕУ, како и Повелбата за фундаменталните права, всушност не ги исполнува своите обврски како „чувар” на овие документи, пренесува МИА.

За жал, како што стои во соопштението на ЕСА, во одговорот на комесарката Јурова, не само што се повторува истата разочарувачка приказна, туку таа се обидува да се откаже од било каква одговорност, лажно тврдејќи дека Комисијата се грижи сите земји-членки да ги почитуваат фундаменталните права. А кога одблизу се гледа на она што се случува во Бугарија, Грција, Шпанија, Франција, Романија и другите членки на ЕУ, се разбира, се потенцира во соопштението, повеќе од доволно е за да се докаже како неосновано ова тврдење на Комисијата.

Според ЕСА, очигледно е дека Комисијата не прави речиси ништо за да се заштитат основачките Договори на ЕУ. Уште повеќе е разочарувачки и тоа што не постои европски комесар за национални малцинства и малцинските јазици и дека претседателот Јункер, за разлика од неговите претходници, го отфрли барањето на претседателот на ЕСА Франсоа Алфонси за состанок со него.

ЕСА е на мислење дека иднината на Европа не може да се изгради врз овие мотиви. ЕУ, според оваа европска политичка партија, има потреба од длабоки структурни реформи кои ќе ги стават народите, а не земјите-членки во епицентарот. За ЕСА, тоа не е прашање на избор, туку само прашање на време.