Ешдаун очекува офанзива на Париз и Берлин на Балканот, каде Македонија и БиХ се буриња со барут

Победата на Емануел Макрон на изборите за француски претседател и добрите шанси на Ангела Меркел да остане на чело на германската влада и по есенските избори во оваа земја даваат шанса за посилен притстап на Европската унија на Балканот и поактивен однос особено кон Босна и Херцеговина, оценува поранешниот висок претставник на меѓународната заедница за БиХ, Педи Ешдаун во интервјуто за сараевскиот дневен весник Dnevni Avaz од петокот, во кое вели дека ова земја и Македонија се бурето со барут во регионот.

Конкретрните чекори на овој план ќе може да се видат уште оваа есен, смета Педи Ешдаун. „Не мислам деа ќе се чека исходот од изборите за Европскиот парламент кон крајот на 2019 година. Ќе се работи многу побрзо“, смета дипломатот.

Оценува дека по претседателските избори во Австрија и во Франција, како и парламентарните во Холандија, надминат е периодот на несигурност, па оттаму време е Европската унија да се врати на Балканот и да ја среди ситуацијата којашто е „хаотична“.

„Негрижата на ЕУ доведе до продлабочувањето на проблемите на Балканот. Сите мислеа дека ќе имаме проблеми на Косово, но се гледа дека Македонија и БиХ се бурето со барут на Балканот“, предупредува Ешдаун, чијшто мандат во БиХ остана запаметен по бројните интервенции и смени политичари за коишто се сметаше дека го попречуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор или помагаат во криењето на осомничените за воени злосторства.

По завршувањето на мандатот на Ешдаун, неговиот наследник Мирослав Лајчак го дочека ситуација во којашто тој немаше поддршка од Брисел, ниту од највлијателните европски престолнини да постапува на сличен начин, па актулениот словачки шеф на дипломатијата многу брзо се повлече од должноста висок претставник за БиХ.

Ешдаун сега вели дека ЕУ го „предала Лајчак“, бидејќи не му дала поддршка да ги заврши започнатите реформи на полицијата на БиХ. „Уште е полошо што БиХ потоа тргна надолу“, констатира Ешдаун.

Потсетува дека теоретски ЕУ и натаму во БиХ има на располагање многу инструменти за да дејствува, но воопшто не ги користи. „Тоа мора да се промени“, порачува Ешдаун, кој сега очекува политичка офанзива од Берлин и Париз на Балканот, а смета дека на тоа ќе се придружи и Холандија.

Велика Британија, според него, тука исто така ќе игра важна улога и тоа и покрај нејзиното излегување од ЕУ, бидејќи Лондон негативните последици од Брегзитот ќе сака да ги компензија со посилна соработка со Брисел на планот на безбедноста и надворешната политика.

Ешдаун потсетува дека за идната година во Лондон е најавена меѓународна конференција посветена на Балканот. Вели дека очекува тогаш да биде „заокружен процесот со кој ќе се стави печатот“ на иднината на Балканот како регион кој веќе стотина година го преокупира вниманието на Европа со својата нестабилност и судирите.