Ештон во посета на БиХ

Високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон допатува синоќа во посета на Сараево, каде денеска ќе има повеќе средби со високи функционери на институциите на БиХ и претставници на граѓанското општество.

„Се враќам во Сараево за да се состанам со лидерите на институциите и граѓанското општество и да ги слушнам нивните ставови за ситуацијата во земјата и како да ги решат проблемите на граѓаните, особено економските и социјалните. Важно е раководството на БиХ да одговори на овие барања, а ЕУ ќе ја даде својата поддршка на напорите, кои ќе му донесат вистинска корист на народот на БиХ“,  нагласи Ештон пред посетата.

Ештон во Сараево ќе се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, претседавачот на Советот на министрите Вјекослав Беванда и ентитетските премиер Жељко Цвијановиќ и Нермин Никшиќ, како и со министерот за надворешни работи на БиХ, Златко Лагумџија.