Експерти: Добро спроведените реформи и економски политики носат одлични резултати

Извештајот е потврда за добрата деловна клима, велат и од Сојузот на стопански комори. Во земјава брзо се отвора фирма, трговијата е олеснета, процедурите се поедноставени.

Рангирањето на Дуинг бизнис, извештајот на Светска банка е еден позитивен маркетинг за Република Македонија, односно позитивно влијае како земјите од надвор, од регионот и светот гледаат на Република Македонија како дестинација која е поволна за отпочнување и водење на бизнис, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.

И странските инвеститори потврдуваат дека реформите кои ги спроведуваат надлежните даваат резултат. Потврдуваат дека многу работи се променети во однос на условите за водење бизнис.

Владата прави многу во однос на подобрување и привлекување на странските директни инвестиции. Она што го ветија и го исполнија, а напредокот во последниве четири години е огромен. Може да се направи уште повеќе, но, да бидеме искрени, ниту светот не е направен за еден ден. Сметам дека доколку Македонија продолжи вака, ќе стане исклучително поволно место за инвестиции, вели странскиот инвеститор, Гвидо Галени.

Проценките на експертите се совпаѓаат со оние на меѓународните финансиски институции дека македонската економија, со сите реформи е добро позиционирана да оствари високи стапки на раст и натамошно намалување на невработеноста.