Естонија протера двајца руски дипломати, Москва се закани со одговор

Естонското министерство за надворешни работи во петокот објави дека до крајот на мај двајца руски дипломати треба да ја напуштат земјата без да ги наведе причините за тоа, а руското министерство за надворешни работи порача дека ваквиот чекор нема да остане без одговор.

„Потврдуваме дека Естонија протера двајца руски дипломати. Нема да даваме никакво коментар за овој случај“, изјави за агенцијата AFP, Сандра Камилова, портпаролка на естонското министерство за надворешни работи.

Според балтичката новинска агенција BNS, станува Дмитриј Казенов, генерал во Нарва и конзулот Андреј Сургаев.

Најмалку 90 отсто од 60-те илјади жители на Нарва, град на границата со Русија имаат руско потекло.

Во соопштението на руската дипломатија веднаш е осудена ваквата одлука како „провокаторска и произволна“, додавајќи дека таа дополнително ќе ги комплицира билатералните односи. Министерството за надворешни работи соопшти дека ќе одговори на ваквите потези.

„Се чини оти некој сака дополнително да ја комплицира ситуацијата на границата со Русија и да го поттикне митот за наводната руска закана“, се наведува во изјавата на руското министерство за надворешни работи, додавајќи дека станува збор за генералниот конзул и службеник од конзулатот во Нарва, пренесува агенцијата РИА.

Во Естонија, како и во Латвија и Литванија, балтички земји кои по осамостојувањето од Советскиот сојуз во 1991 година станаа членки на Европската унија и на НАТО, добивање на нивно државјанство не им е овозможено на сите нивни жители. Државјанство може да добијат само оние чии родители или самите тие живееле во земјата до 1940 година. Другите може да добијат државјанство преку натурализација, за што треба да полагаат устен и писмен испит за познавање на државниот јазик.

Последните години Естонија во неколку наврати беше критикувана од телата на ЕУ и на ОН, како и од Русија, за големиот број лица кои не можат да добијат државјанство. Во Естонија, со 1,3 милиони жители, околу 84 отсто имаат државјанство. Бројот на естонски жители кои го имаат државјанството на Руската Федерација, е повеќе до 100 илјади, а уште 90 илјади луѓе, претежно русофони, немаат никакво државјанство.

Во Латвија, пак, со население од околу 2,2 милиона луѓе, околу 44 отсто се русофони. Околу 16 отсто, односно 319 илјади, од латвиското население се води како „не-државјани“, односно лица чии родители се населиле во Латвија за време на советската ера. Во оваа земја постојат 80 разлики во правата меѓу граѓаните и ткн „не-државјани“. Особено за вторите важи законот дека немаат право да учествуваат на избори и референдуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.