ETA се извинува за жртвите во Баскија

Баскиската сепаратистичка организација ЕТА го призна „злото“ кое го направила за време на нејзината вооружена борба за независност на Баскија и побара жртвите да и простат.

Ова се истакнува во соопштение на организацијата објавено во денешното издание на баскискиот весник „Гара“.

 Нанесовме многу болка и непоправлива штета. Сакаме да ја изразиме нашата почит кон мртвите, повредените и жртвите на акциите на ЕТА. Искрено жалиме, се наведува во соопштението објавено во пресрет на распуштањето на групата, на која и се припишува смртта на повеќе од 800 луѓе во повеќедецениската борба против шпанската Влада.

Организацијата сепак наведе  дека не е единствена што е одговорна за страдањата во шпанскиот дел на Баскија.

Страдањата постоеја и пред раѓањето на ЕТА и продолжија и после прекинот на вооружената борба, стои во текстот.

ЕТА го подготвува своето распуштање после кампања која траеше речиси половина век за независност на Баскија, подрачје меѓу Франција и Шпанија.

Според повеќе извори, милитантната група би требало на почетокот од мај официјално да објави дека се распушта. Тоа ќе биде една година откако ја заврши својата сепаратистичка кампања со предавање на оружјето и експлозивите.

ЕТА кон крајот на октомври 2011 најави дека се откажува од вооружената борба за независност на Баскија. Организацијата потоа во април 2017 година соопшти дека во целост го предава оружјето и на француските власти им предаде список со скриени магацини за оружје, додека шпанските власти тогаш оценија дека ЕТА сака сама да се распушти.

Во денешното соопштение организацијата, чија цел за време на борбата беа припадници на безбеносните сили или претставници на државата, изрази жалење поради сите жртви но посебно извинување побара од цивилите кои биле зафатени со борбите.

ЕТА е создадена во 1959 година за да се бори против диктатурата на Франко во Шпанија и за независност на Баскија и Навара.