Етнос: Од 1999 до 2010 година банките во Грција масовно „переле“ пари

Милијарди „валкани пари“ биле „испрани“ низ грчките банки во период од десет години, од 1999 до 2010 година, пишува весникот „Етнос“, повикувајќи се на Комисијата за етика во грчкиот Парламент.
Голем дел од финансискиот криминал во земјата бил извршен во периодот од 1999 до 2010 година, кога се смета дека повеќето „валкани пари“ минале низ банкарскиот систем.

Од службата за борба против финансискиот криминал било упатено барање до Парламентот да интервенира за да нема правни лекови за тие активности, а исто така и до банките за побрзо да ги обработуваат податоците, создавајќи регистер за банкарски сметки.

Според американска невладина организација, само за периодот 2003-2011 година од Грција биле изнесени над 260 милијарди долари преку „перење“ пари, корупција и затајување на даноци, а во 2010 година нелегално влегле 90 милијарди долари.

Грција пред кризата беше на второ место по сивата економија меѓу 25-те земји-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

извор: МИА