ЕУ бара правна и институционална разврска за „Пуч“

Европската унија бара и очекува брза интервенција за враќање на политичкиот дијалог во Македонија, додека сите случувања околу случајот „Пуч се следат на дневна основа и се очекува правна и институционална разврска. Ова се пораките што заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими, денеска ги доби на средбата во Брисел со новиот генерален секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Ален Ле Роа, пренесува МИА.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Ле Роа му пренел на Бесими дека Европската унија е подготвена, најпрво со посредство на тројцата европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан, да посредува меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а потоа ако е потребно и највисоки претставници на Брисел да се вклучат со цел нормализирање на политичката состојба во Република Македонија.

– Ле Роа ми ги пренесе следните работи. Најпрво, дека Унијата со големо внимание ги следи случувањата во Македонија и дека ова што се случува, дефинитивно не помага во однос на европските интеграции. Воедно, не само што тоа не помага во евроинтеграциите, туку пред се се допираат работите што директно влијаат за развојот и правата на граѓаните во Македонија. Во однос на политичкиот дијалог и конструктивен политички амбиент, тој рече дека тоа е работа што треба веднаш да се случи и условно кажано со брза интервенција. Во таква ситуација, Европа смета дека има подадена рака уште од предлогот на комесарот Хан за група на европратеници, предложена од Брисел и Европскиот парламент. Се работи за Вајгл, Ховит и Кукан, кои би требало да создадат амбиент на разговор меѓу двете парламентарни групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, потенцираше вицепремиерот Бесими во изјава за МИА по средбата.
Првиот македонски евроинтегративец посочи дека е важно е што генералниот секретар Ле Роа ја познава Македонија лично оти тој беше во земјата во периодот по 2001 година, како Специјален претставник на Брисел, па дека во тој поглед, францускиот дипломат има поблиска претстава за тоа што се случува кај нас. Сепак, она што е важно е дека низ нивниот разговор, посочен е тајмингот кој доаѓа и дека актуелните случувањата во Македонија го детерминирале текот на разговорот.
– Вториот аспект што беше потенциран на оваа средба е дека целиот случај „Пуч мора да има и институционална и правна разврска, со целосно почитување на владеењето на правото, независно судство и кредибилен и транспарентен процес. Тука Ле Роа покажа подготвеност, ако има потреба, да испратат свои експерти со целосен кредибилитетот за да им помогнат на институциите и целиот процес да биде подобар во однос на оваа разрешница. Сето ова беше укажано на средбата и очекувањата се оние што се одговорни да сносат одговорност, а политичкиот дијалог да создаде атмосфера на функционирање на сите државни институции, додава Бесими.
Во однос на можната улога на Европската комисија, како и на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), односно делот за проширување и комесарите Јоханес Хан и Федерика Могерини во псоредувањето за враќање на политичкиот дијалог во Македонија, според Бесими, во моментов, Брисел дава можност првиот чекор да го превземат европратениците и дека тука е важно да се покаже конструктивност од страна на Македонија.
– Најважно е да почне дијалогот со поддршка на групата европратеници, а секако се размислува и начинот, ако има потреба, за тоа како да помогне и Европската комисија, односно дали преку вклучување на еврокомесарот за проширување заедно со ЕЕАС. Состојбата се следи на дневна основа што се случува во Македонија, но прво е дадена можност се да почне со европратениците и Македонија треба да одговори на тоа, а во меѓувреме се разгледуваат и други опции, за тоа како Македонија да излезе од оваа ситуација и да чекори напред во евроинтеграциите, но и генерално, да се подобрат состојбите во земјата, заврши Бесими.
Како што е познато, на почетокот на овој месец, Французинот Ален Ле Роа го наследи својот сонародник Пјер Вимонт на местото генерален секретар на европската дипломатска служба, со која раководи Могерини. Денешната сребда со Бесими беше прва на поранешниот Специјален претстевник на ЕУ во Македонија, во неговата нова улога, а со претставник на македонската Влада.