ЕУ бара Србија да не го зголемува извозот во Русија

Европската унија побара од Србија да не го зголемува извозот на прехранбени производи за Русија и да не го зазема местото на други европски снабдувачи на рускиот пазар, пишува белградскиот весник „Блиц“.

Весникот не објави детали од писмото, но најави дека ставот на српската влада по ова прашање ќе биде соопштен денеска на специјална прес-конференција на премиерот Александар Вучиќ.

Во меѓувреме српската министерката за земјодлество Снежана Богојевиќ- Бошковиќ  која преговара со руските власти за зголемување на извозот од Србија кон Русија, изјави дека српските компании не можат да загрозат никого бидејќи   нивното учетво во вкупниот увоз во Русија е мало.

„Нашите капацитети, и кога потполно би биле искористени се толку мали за рускиот пазар што никого не можат да загрозат. Ние до сега извезувавме околу 0,2 отсто од вкупниот увоз кој Русија го остварува во областа на земјодлеството и кога би ги искористиле капацитетите целосно тоа би можело да достигне до 0,4 или 0,5 отсто, и со тој извоз не можеме  да загрозиме никого“,  изјави Богојевиќ- Бошковиќ .

Руското Министерство за надворешни работи,  повикот на ЕУ кон трети земји го протолкува како „стремеж да го задржи своето место на овој пазар и да не дозволи конкуренцијата од други добавувачи“.