ЕУ без коментар за урнатиот руски авион

Европската унија не сака официјално да реагира на урнатиот руски авион на небото во Сирија, што според првичните информации го направила авијацијата на Република Турција, јави дописникот на МИА од Брисел.

Портпаролот на Европската комисија, Александер Винтерштајн, на редовната пладневна прес-конференција во зградата „Берлемонт” на ЕК во Брисел, одби во име на официјален Брисел да даде првична оценка и коментар за соборениот авион на авијацијата на Руската Федерација со која ЕУ има затегнати односи и воведени трговски санкции по настаните во Украина.

– Засега, ние ги следиме одблиску настаните и се обидуваме да утврдиме што се случило навистина. Затоа, во моментов не можеме нешто повеќе да кажеме, порача Винтерштајн, гласноговорникот на неформалната Влада на Европската унија.

Денешните случувања на сириското небо го кренаа алармот и во НАТО, од каде се очекува реакција на Северната алијанса, чија членка е Турција, а во чие седиште во 16:00 часот се очекува средба меѓу генералниот секретар Јенс Столтенберг и македонскиот претседател Ѓорге Иванов.