ЕУ ги одложи Советите за стабилизација и асоцијација со Македонија, Турција и Албанија

Европската унија ги откажа Советите за стабилизација и асоцијација што во втората половина на овој месец требаше да се одржат со Република Македонија, Турција и со Албанија, пренесе МИА.

Со одлука на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, овие состаноци на највисоко ниво меѓу официјален Брисел и македонските, турските и албанските власти, во рамки на Советот за стабилизација и асоцијација се одложени за септември.

– Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и БЈР Македонија е одложен поради проблеми со распоредот. Истото се однесува и на Советот за стабилизација и асоцијација и со Албанија, како и Советот за асоцијација со Турција, истакна портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич во изјава за МИА.

Инаку, доколку се одржеше Советот на ЕУ со Македонија, планирана за идната недела, покрај Могерини, на истиот од страна на Унијата ќе требаше да учествуваат и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак (како земја-претседавач со ЕУ), но и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и други експерти, додека од македонска страна беа предвидени вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, како и вицепремиерот задолжен за европски прашања Арбр Адеми.

Како што е познато, Република Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација (ДСА) со Европската унија во 2001 година, а истиот стапи на сила во 2004 година. Сепак, и покрај тоа што се изминати 12 години како ДСА е на сила меѓу македонската држава и Унијата, сепак, по инсистирање на Грција, истиот активиран само во однос на првиот дел кој се однесува на целосна слободната трговија од Македонија кон ЕУ, додека земјата се уште не е влезена во втората фаза од ДСА што овозможува полесна и целосна слободна трговија на земјите-членки на ЕУ кон Македонија.