ЕУ ги продолжува санкциите кон Русија

Европската унија денеска донесе одлука за продолжување на економските санкции кон Русија за уште една година, соопшти Европскиот совет, пренесува МИА.

Санкциите воведени поради руската анексија на Крим требаше да завршат на 23 јуни годинава, но ќе важат до истиот датум 2016 година, стои во соопштението на советот.

Забраната се однесува на увозот на стоки со потекло од Крим во ЕУ, инвестирање во регионот, прекин на туристички патувања и на извоз на опрема за експлоатација на гас и нафта, како и уреди за телекомуникации.

Во соопштението се наведува дека казнените мерки се преземени поради илегална анексија на Крим, како и дека ЕУ нема да отстапи од непризнавањето на тој акт.

Санкциите на Русија кои се паралелно воведени поради поддршката на проруските сили во Украина веќе беа продолжени до јануари 2016 година. Одлуката за продолжување на санкциите е донесена со согласност од сите 28 земји членки на ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.