ЕУ ги руши надежите на Македонија во изминатите 10 години

Оставањето на Македонија пред вратата на ЕУ веќе 10 години има тешки последици и придонесе за актуелната криза во која се наоѓа земјата, изјави на конференцијата за печатот, известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл по донесувањето на Резолуцијата за земјата во ЕП, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Според него, дебатата за земјата предизвикала голем инетерс кај европратеиците.

– Македонија преминува тешка криза, која се должи на фактот што таа се наоѓа во тотален ќорсокак, и секогаш ЕУ ги разочарува не само македонската влада, туку и народот на Република Македонија, рече тој.

Известувачот не криеше дека некои делови од Резолуцијата влегле против негова волја, но, додава, тоа е резултат на компромиси, по „жестоката и демократска дебата“ што доведе до прифаќање на амандмани.  Како пример го посочи делот од Резолуцијата кој се однесува на барањето земјите членки на ЕУ, кои се членки на НАТО да ја поддржат кандидатурата на Макеоднија за членство во Алијансата. НАТО не е исто како ЕУ, но членството во НАТО може да придонесе на евроатланстката интеграција на земјата.

– Ние потсетивме на одлуката на Судот на правдата од 5 декември 2011, според кој  ниту една земја без разлика на причините не треба да и ја затвори вратата на друга земја која сака да влези во европските структури или во НАТО, нагласи Вајгл.

Во самата Резолуција е нагласено дека една од двете страни, без да се именува Грција не ја почитува оваа одлука на Меѓународниот суд.

Словенечкиот либерал се осврна и на политичката криза во која се наоѓа Македонија, и на дел од обвинувањата на колегите од  групата на социјалистите и демократите поради прислушувањата и манипулациите, притисоците врз медиумите, парцијалното и селективно судство.

– Тоа се тешки обвиненија. Кога има такви обвиненија треба да се преземе одговорноста за нив, рече Вајг.

Тој додаде дека Парламентот не функционира бидејќи опозицијата го напушти, а тоа  е, вели лошо за Македонија и за нејзината слика во светот.

– Евидентно  е дека системот на власт и опозиција не функционира коректно. Имав прилика да го видам тоа при постетата на Македонија и  им реков на претставниците на опозицијата дека е подобро да се вратат во Парламентот и да ги преземат нивните  одговорности, тоа се 30% од избирачите. Парламентот треба да биде најдемократската институција на земјата, сега кога има обвинувања треба да се донесат докази. Посебно кога се работи за обвинувања против полицијата, судовите. Ќе биде тешко да се замисли нормална политичка соработка меѓу Владата и опизицијата без целосно разсветлување на сите овие контраверзни прашања, изјави Вајгл.

Инаку, главното барање и порака на Резолуцијата на ЕП е да започнат преговорите со Македонија.

– Бараме Советот да утврди датум за почеток на преговорите и прашањето за името на земјата може да биде решено во текот на преговорите. Преговорите можат да започнат пред да биде решено прашањето за името. Не треба тоа да се претвори во предуслов за преговорите. Се надевам, дека оваа порака беше добро разбрана во Македонија и се надевам дека соседите на Македонија, Грција и Бугарија, некои од нашите колеги беа критични и експлицитни околу ова во дебатата, соседите  ќе сватат дека  една просперитетна и стабилна Македонија е во нивни интерес, бидејќи тоа ќе придонеси за регионалната стабилност, заклучи Вајгл.

ЕП, денеска, со големо мнозинство по деветти пат побара од Советот на ЕУ да и додели датум за почеток не преговори на Македонија.