ЕУ го повлече амбасадорот од Русија

597

Европската унија го повлече својот амбасадор во Москва, откако челниците на земјите членки се согласија дека Русија „многу веројатно“ е одговорна за нападот со нервен агенс во Велика Британија.

Во заедничката изјава по средбата во Брисел во четвртокот ноќта, Европскиот совет соопшти дека „нема поинакво веројатно објаснување“ освен дека за нападот е одговорна Русија.

Британската премиерка Тереза Меј изјави дека труењето во Солзбери е „дел од образецот на руската агресија против Европа“. Москва негира каква и да е поврзаност со нападот врз поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија на 4-ти март во јужна Англија.

Кремљ во петокот соопшти дека жали поради одлуката на ЕУ за повлекување на амбасадорот. „Жалиме поради тоа“, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, додавајќи дека одлуката е донесенена врз основа на претпоставка за тоа што им се случило на Скрупал и неговата ќерка.

ЕУ соопшти дека нејзиниот амабсадор е повлечен „поради консултации“. „Солидарно стоиме покрај Велика Британија соочени со овој сериозен предизвик за нашата заедничка безбедност“, стои во писмената изјава на Советот кој за нападот до доцна во ниќта во четвртокот расправаше на самитот во Брисел.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека европските челници се согласни дека треба да се преземат заеднички чекори „вклучитено и натамошни мерки“.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас за новинарите изјави дека ЕУ треба да искаже солидарност со Велика Британија, „но истовремено мораме да бидеме одговорни“ кога нападот ѝ се припишува на некоја држава.

Литванската претседателка Дарија Грибаускаите најави дека нејзината земја ќе протера руски дипломати, како што тоа го стори Велика Британија. Таа мерка или повлекување на своите амбасадори ја разгледуваат уште неколку земји. Дел од земјите, како Италија, Грција, Кипар, Унгарија и Австрија, не сакаат ескалација во односите со Русија и повикуваат на претпазливост, но истовремено изразуваат солидарност со Велика Британија.

САД, Франција, Германија и Велика Британија, уште минатиот четврток ја осудија Русија за нападот во Солсбери. Меѓутоа, изостануваат доказите и мотивите на Москва за ликвидација на пензионираниот шпион кој во 2010 година беше помилуван од рускиот претседател за да биде заменет со уште двајца осудени за шпионажа за десет руски државјани обвинети во САД, исто така, за дела поврзани со шпионски активности.

На 4-ти март поранешниот полковник на руското воено разузнавање ГРУ, сега 66-годишниот Сергеј Скрипал, и неговата 33-годишна ќерка Јулија, беа пронајдени без свест на клупа пред трговски центар во јужна Англија, според британската полиција биле изложени на нервни агенси. Британските власти ја обвинија Русија за „напад на Велика Британија“ и премиерката Тереза Меј издаде указ за протерување на 23 руски дипломати од амбасадата во Лондон, за кои тврди дека се прикриени разузнавачи.

Русија како прогласи за непожелни личности 23 британски дипломати кои треба да ја напуштат земјата во рок од седум дена, го затвора генералниот конзулат на Велика Британија во Санкт Петербург и ги укинува дејствувањето на Британскиот совет на руска територија. Рускиот дипломатски ресор, притоа, го предупреди Лондон дека доколку и натаму преземе други „непријателски дејствија“ против Русија, Москва го задржува правото на натамошни возвратни мерки.

Москва од почетокот на случајот негира дека има каква и да е поврзаност со овој напад со нервен агенс кој британските власти го нарекоа „новичок“. Агенсот, како што тврди еден од неговите главни творци кој денес живее САД, бил создаден во времето на Советскиот сојуз и според него само Русија е способна да го произведе. Ова доаѓа како западен одговор на руското потенцирање дека на развивање ваков агенс работеле пред три децении и Велика Британија, Шведска, Словачка и Чешка, а можеби и САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.