ЕУ го слави Денот на Европа

Европската унија годинава Денот на Европа, 9-ти Мај ќе го одбележи со повеќе манифестации во светот, а според веќе вообичаената пракса, најскромно ќе се слави во седиштата на институциите на ЕУ во Брисел, Стразбур и Луксембург.

Денот на Европа се слави во спомен на 9-ти мај 1950, денот кога Роберт Шуман еден од основачите на ЕУ во декларацијата ја изложил својата визија за обединет континент, што послужило како основа за формирање на Европската заедница за јаглен и челик која постепено прерасна во денешната ЕУ.

Во Брисел и овој 9-ти мај, европските институции – Европската комисија, Парламентот и Советот – ќе ги отворат своите врати за граѓаните, кои ќе може да прошетаат низ ходниците и да ѕирнат во канцелариите и конференциските сали.

Денот на Европа свечено ќе биде прославен во градовите низ светот, каде членовите на дипломатските претставништва на ЕУ во соработка со локалните власти подготвија низа изложби, фестивали и културни настани во чест на Стариот континент.