ЕУ го засилува правниот притисок врз Чешка Унгарија и Полска поради мигрантите

Европската комисија (ЕК) во средата потврди дека го зајакнува правниот притисок врз Чешка, Унгарија и Полска поради нивното одбивање во врска со прифаќањето на мигрантите од другите земји членки на Европската унија (ЕУ).

„И покрај повторените повици за дејствување (…) овие три земји и натаму ги кршат своите законски обврски и покажуваат целосно неуважување на обврските кон Грција, Италија и другите земји членки“, соопшти Европската комисија.

Во своето таканаречено „разборито мислење“, ЕК сега упатува официјално барање до споменатите три земји да ги применуваат правилата на ЕУ, на коешто можат да одговорат во рок од еден месец, Доколку ЕК не биде задоволна од одговорните, споменатите три земји би можеле да завршат на суд.

Истиот ден, главниот застапник на Европскиот суд на правдата (ECJ) изјави дека судот и требало да ги одбие тужбите на Словачка и Унгарија против Европската унија поради задолжителните бегалски квоти.

Овие две земји тврдат дека ЕУ ги прекршила сопствените правила кога мнозинството земји членки во септември 2015 година донесе задолжителна одлука за воведување  квоти за разместување на 120.000 бегалци од Италија и Грција по земјите во ЕУ.

Против мерките гласаа Унгарија, Словачка, Романија и Чешка.

Главниот застапник судот Ив Бот, функционер кој ги советува судиите во највисокиот суд во ЕУ, изјави во своето мислење дека договорите на ЕУ овозможуваат усвојување на мерките „за да се решат јасно утврдените вонредни ситуации“. Истакна и дека ЕУ не ги пречекорила своите овластувања и дека механизмот на квотите е „сразмерна мера“ имајќи го предвид приливот на бегалците во Грција и во Италија.
Словачка и Унгарија поднесоа тужби против ЕУ во декември 2015 година. Одлуката по нив се очекува подоцна годинава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.