ЕУ и ЕБОР со поддршка за Источно – западниот коридор за пренос на електрична енергија

Европската Унија ја потврди својата намера да обезбеди 12 милиони евра грант за поддршка на изградбата на првиот далновод за електрична енергија помеѓу Албанија и Македонија за воведување на подобрувања на ефикасноста на мрежата, во рамки на инфраструктурата на МЕПСО.

Коридорот исток – запад за пренос на електрична енергија треба да ги поврзе пазарите на Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Италија.

Денес во присуство на сите регионални премиери на Инвестицискиот Самит за Западен Балкан, Европската Унија ја потврди својата намера да обезбеди 12 милиони евра грант за поддршка на изградбата на првиот далновод за електрична енергија помеѓу Албанија и Македонија за воведување на подобрувања на ефикасноста на мрежата, во рамки на инфраструктурата на МЕПСО, Оператор на електро преносниот систем на Македонија.

Проектот е дел од агендата за поврзување на Западен Балкан, со финансирање обезбедено од Програмата за Пред-пристапни фондови (ИПА), преку Програмата за инвестирање на Западен Балкан (ПИЗБ).

ЕБОР веќе има одобрено кредит од 37 милиони евра за овој проект, со кој ќе се поттикне регионалната интеграција на пазарите за енергетика на Западен Балкан.

Поддршката на круцијалната регионална меѓугранична инфраструктура и креирањето на поголеми интегрирани пазари на енергија, ја зголемуваат безбедноста на енергијата. Истото претставува еден од приоритетите на ЕБОР во енергетскиот сектор на Западен Балкан. Овој проект претставува важен чекор кон воспоставување на регионален пазар за електрична енергија. Ни претставува задоволство што имаме ваква великодушна поддршка од ЕУ за овој многу важен проект, истакна претседателот на ЕБОР, Сер Сума Чакрабарти.

Генералниот Директор за зголемување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, додаде дека овој проект е дел од напорите на Европската Комисија за поддршка на агендата за поврзување на Западен Балкан.

Изградбата на овој далновод ќе ја подобри безбедноста на снабдување и стабилноста на системите за електрична енергија на двете земји. Ќе ни помогне во развој на регионалниот пазар на електрична енергија, каде производството и капацитетот на пренос може да биде менаџиран преку Западен Балкан, а не на национално ниво. Со ова ќе се намали отпадот и вишокот од капацитетите, рече тој.

Овој проект е дел од иницијативата на Европската Комисија за воспоставување на коридор на далновод исток-запад, помеѓу Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора  и Италија, вклучувајќи го планираниот подводен кабел од Црна Гора до Италија, важен чекор кон воспоставување на регионален пазар на електрична енергија. Компонентите за ефикасна мрежа воведени од страна на МЕПСО ќе обезбедат услови преносот на електрична енергија да биде енергетски ефикасен и да се користат најдобрите достапни технологии.

Проектот има добиено техничка помош од Програмата за инвестирање на Западен Балкан за финансирање на физибилити студија, проценка на еколошката и општествената состојба и подготовка на главниот план на проектот.

Европската Унија е најголемиот поединечен донатор на ЕБОР. Во 2015 година ЕУ распредели 179 милиони евра, што претставува околу половина од вкупните алоцирани донаторски фондови на ЕБОР.