ЕУ и Косово потпишаа Спогодба за стабилизација и асоцијација

Европската унија и Косово денеска потпишаа Спогодба за стабилизација и асоцијација.

Претставниците на двете страни ги ставија потписите под документот за време на сесијата на Европскиот Парламент во Стразбур.

Ова е историски чекор што ќе помогне во економскиот раст на една од најсиромашните држави во Европа, забележаа американските медиуми.

Со денешното потпишување се отвора патот за евентуално полноправно членство на Косово во ЕУ, кое е главниот трговски партнер на оваа нова држава.

Министерот за европска интеграција Беким Чолаку изјави дека спогодбата е „нов меѓник затоа што утврдува договорни односи меѓу Република Косово и ЕУ“.

Во 2014 година земјите од ЕУ  беа главниот трговски партнер на Косово со 30,2 проценти од неговиот извоз и 42,6 отсто од увозот, во вкупна вредност од 1,2 милијарда евра.

-Спогодбата ќе ја засили конкуренцијата, а локалните компании ќе имаат можност да извезуваат во земјите на ЕУ без царински тарифи – посочи Беким Чолаку.