ЕУ и НАТО ги осудија терористичките напади во Истанбул

Европската унија и НАТО го осудија терористичкиот напад што утринава се случи во туристичкиот дел од Истанбул во Турција, каде засега има десет жртви, јави МИА.

Еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан, како и генералнио секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, изразија жалење за загинатите и сочувство до нивните семејства, изразувајќи солидарност со турскиот народ.

Турција повторно е мета на терористички напад, овој пат на плоштадот Султанахмет, во срцето на туристичката област на Истанбул. Европската унија изразува искрено сочувство до семејствата на жртвите кои загинаа во денешниот бомбашки напад и посакуваме брзо опоравување на оние кои се повредени – се вели во заедничкото соопштение на еврокомесарите Могерини и Хан.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата и еврокомесарот за соседска политика, исто така посочија дека “ЕУ и Турција стојат заедно против сите форми на тероризам” и дека “борбата против тероризмот е призната како приоритет на Самитот на ЕУ и Турција на 29 ноември 2015 година”.

Ние мора да ги засилиме нашите напори во овој поглед, со целосно почитување на нашите обврски согласно меѓународното право и човековите права и хуманитарното право – додаваат Могерини и Хан во писменото обраќање.

Генералниот секретар на НАТО, пак, најостро го осуди терористичкиот напад во Истанбул.

Силно го осудувам денешниот брутален терористички напад во срцето на туристичката област на Истанбул. Го изразувам моето најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Моите мисли се со оние кои се повредени, со турскиот народ и со засегнати други народи. Не може да има оправдување за ваквите напади, посочи Столтенберг.

Според првиот оперативец на Алијансата: „сите НАТО сојузници стојат цврсто во борбата против сите форми на тероризам“.