ЕУ: Имавме средба со претставници од „Курир“, ги осудуваме сите напади врз новинари

Од делегацијата на ЕУ ја потврдија средбата со претставници на Курир и укажуваат дека уште еднаш остро ги осудиле нападите врз новинари, меѓу кој и последниот од минатата недела кога од опозициската СДСМ имаше сериозни закани на новинари од порталот.

Имаше средба со претставници на Курир. На истата беше изразена загриженост од заканите врз новинари без исклучок. Европската унија остро ги осудува сите напади врз новинари, велат за ВЕЧЕР од делегацијата на ЕУ.

Од редакцијата на „Курир“ изразија надеж дека ова е доволна потврда за СДСМ да се увери дека меѓународните институции се известени за секојдневните притисоци кои најголемата опозициска партија ги врши врз нивниот медиум, кои резултираа со закани по живот врз вработените.

Доколку СДСМ не е задоволна и од овој одговор, тогаш ние уште еднаш ги повикуваме лично да се обратат до Канцеларијата на ЕУ и ако толку ги интересира нека дознаат со кого поточно сме се сретнале, велат од „Курир“.

Порталот уште еднаш потсетува дека во рамки на вчерашната средба, ги информирале странските претставници за последните случувања кога членови на СДСМ испратија грозоморни закани по живот до сите вработени во медиумот.

Од наша страна тие беа информирани и за целиот однос кој опозициската партија го има кон нас, како и за секојдневните соопштенија преку кои вршат директен притисок врз новинарите на Курир. Курир ги информираше високите европски претставници за сето она за кое на јавноста и најави дека ќе ги информира, а ако СДСМ толку го интересира со кого сме се сретнале, еве по трет пат, повикуваме да се обратат до Канцеларијата на ЕУ. Високите претставници на ЕУ, жестоко го осудија ваквото однесување кон новинари. Од нив добивме силна поддршка и заложба новинарите да можат слободно да си ја работат својата работа, пишува „Курир“.