сабота, 3 декември 2016  |  Вести денес: 43

ЕУ: Изборите можност за нов почеток на земјата

Изборите на 11 декември претставуваат можност за нов почеток на земјата, за нејзино обединување околу стратегиските цели и за враќање на патот кон евроинтеграциите, порачуваат амбасадорите од земјите-членки на ЕУ во Македонија.

изборите

Поврзани вести

Во заедничката изјава до медиумите испратена попладнево, амбасадорите ги охрабруваат политичките лидери, нивните партии и релевантните чинители да го искористат изборниот процес за реафирмација и демонстрирање на нивната посветеност на демократските вредности и владеењето на правото, како и да покажат подготвеност за справување со предизвиците.

Воедно ги повикуваат граѓаните да го искористат своето демократско право, да излезат на гласање и со тоа да учествуваат во креирањето на иднината на нивната земја, а медиумите да обезбедат објективни информации за граѓаните да бидат правилно информирани и врз основа на тоа да го направат својот избор.

– Лидерите на политичките партии и нивните членови да водат кампања без заплашувања и насилство, кампања која нема да ги зголеми политичките и меѓуетничките тензии, ниту да ја продлабочи поларизацијата. Потсетуваме на важноста од јасно одделување на државните од партиските активности пред, за време и по изборите, потенцираат амбасадорите.

Исто така апелираат до државните институции да ја поддржуваат работата на Државната изборна комисија за подготовка на изборите.

– Само фер кампања и кредибилни избори, признати од меѓународните набљудувачи, ќе им дадат силен мандат на новата влада и на новиот парламент, подвлекуваат ЕУ-амбасадорите.

Врвен приоритет, додаваат, ќе биде да се направат искрени напори за спроведување на сите елементи од Пржинскиот процес, особено итните реформски приоритети.

– Реформскиот процес треба да биде инклузивен и да го земе предвид гласот на граѓансктото општество. Исто така, утврдувањето правна и политичка одговорност за прислушуваните материјали е неопходно за да се затвори поглавјето на политичката криза, како што се обврзаа сите чинители, стои во заедничката изјава.

Амбасадорите подвлекуваат дека изборите ќе бидат важен индикатор за придржување кон демократските вредности.

– Сите политички партии да ги признаат резултатите од кредибилни избори, заклучуваат ЕУ-амбасадорите и потсетуваат дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува сите демократски реформи кои водат до враќање на евроинтеграцискиот пат на земјата и е подготвена да се заложи за таа цел.

Најчитани вести