ЕУ: Изборите се можност земјата да се обедини околу стратешките цели

Европската унија одблиску ќе ги следи предвремените парламентарни избори што в недела ќе се одржат во Република Македонија, а со своја реакција за нивното одржување очекува да излезе во понеделник попладне, откако со првична оценка ќе излеза меѓународните набљудувачи.

Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денеска го соопшти портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, која потенцираше дека за официјален Брисел, изборите се можност за обединување на Македонија околу стратешките цели.

– Ќе има избори во БЈР Македонија оваа недела на 11 декември. Како што досега повеќепати сме кажале во однос на овие избори, тие се можност за земјата да направи нов почеток, да се обедини околу стратешките цели и да се врати на евроинтеграцискиот пат. Очигледно, ова е само еден чекор од еден многу подолг процес, како дел од процесот од договорот од Пржино и јасно е дека ова што е договорено во рамки на овој договор, ќе треба да продолжи да се имплементира, истакна Коцијанчич.

Гласноговорничката на комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, исто така, појасни и кои се очекувањата на неформалната Влада на Европската унија за самиот ден, но и за период по изборите во македонската држава.

– Во однос на тоа што ќе се случи како следен чекор, ние се разбира одблиску ќе ги следиме изборите, како што правевме и со целиот процес до изборите. Се разбира, ќе има и меѓународни набљудувачи на теренот и ние исто така ќе го чекаме нивниот извештај, по што очекувам дека ќе имаме наша реакција некаде попладнето во понеделник, потенцираше Коцијанчич.

Како што е познато, еврокомесарот Хан беше еден од посредниците во постигнувањето на договорот од Пржино со кој се постави пат за излез од политичката криза во земјата, а Еврокомисијата преку издавањето на т.н. Итни реформски приоритети, и даде задача на Република Македонија што трбеа да подобри за целосно да се врати на забрзаниот евроинтеграциски пат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.