ЕУ: „Јужен коридор“ наместо „Јужен тек“

Земјите членки на ЕУ кои беа вклучени во проектот за изградба на „Јужен тек“ предлагаат алтернативен пат за увоз на гас.

Претставниците на седум земји членки на ЕУ кои биле вклучени во проектот за изградба на „Јужен тек“ во Брисел вчера се договориле да се свртат кон алтернативните патишта за увоз на гас, како што е „Јужниот коридор“ кој ќе ги поврзе Азербејџан и Италија, пишува Танјуг.

Министрите за енергетика на Италија, Австрија, Бугарија, Романија, Словенија и Грција, како и амбасадорот на Хрватска во ЕУ, вчера за време на работниот ручек со комесарот за енергетика во ЕУ, Марош Шефчовиќ разговарале за последиците од прекинувањето на изградбата на „Јужен тек“ и се договориле да се свртат кон други проекти.

Во соопштението за медиуми се истакнува дека земјите од Русија не добиле официјално известување за прекинот на работата на „Јужен тек“, туку за тоа дознале од изјавата на рускиот претседател Владимир Путин за време на посетата на Турција минатата недела.

– Интеграцијата на пазарот на гас и диверзификацијата на снабдувањето бара изградба на неопходна инфраструктура и примена на усогласени правила за доброто на потрошувачите во јужноевропскиот регион, порачуваат министрите во соопштението за медиумите.

Како еден од важните алтернативни патишта за спроведување на гасот се наведува „Јужниот коридор“, кој што од наоѓалиштето во Каспиското море ќе поминува низ Азербејџан, а потоа преку Грузија, Турција, Грција и Албанија и ќе стигне во Италија, за што е потребно да се изгради и делница низ Јадранското море.

Шефчовиќ на конференцијата за медиуми изјави дека ЕУ нема ништо против изградбата на „Јужен тек“ под услов тој да биде усогласен со европското правило дека истата компанија неможе истовремено да биде и соспственик на гасоводот и единствен дистрибутер на гас. Исто така нагласил дека од Москва не пристигнала официјална информација за прекин на изградбата на „Јужен тек“.