Свет

ЕУ ќе ги одзема европските пасоши на странските борци во ИД

ЕУ ќе ги одзема европските пасоши на странските борци во ИД

Европската унија покренува иницијатива за одземање на европските пасоши на странските борци што учествувале или учествуваат во рамки борбите на џихадиситичката група Исламска држава (ИД) во Сирија и ирак, јави дописникот на МИА од Брисел.

Според портпаролката на Европската комисија, Наташа Берто, на состанокот на министрите за внатрешни рбаоти на земјите-членки на ЕУ минатата недела е дискутирано за воведување на овој процес и Еврокомисијата ја поддржува ваква иницијатива.

Сепак, според Берто, кога ќе биде донесена ваква одлука, таа ќе мора да се стави во шенгенскиот информациски систем на Унијата за да бидат информираниза сите 28 земји-членки.

– Се работи за идеја спомената на министерскиот состанок на земјите-членки, да се одземе валидноста на патничките документи од фржавите на ЕУ на луѓе кои се ризик за јавната безбедност. Сепак, таквата одлука ќе треба да ја донесат земјите на ЕУ во рамки на Советот на Унијата, а Комисијата ќе поддржи ваква иницијатива. Се работи за идеја на одземање пасош, а не на државјанство од земја-членка на ЕУ, соопшти портпаролката Берто.

Таа потврди дека Еврокомисијата е во постојан контакт со белгиската полиција и властите на Белгија и дека има мерки со кои се заштитени европските институции и луѓето кои работат во нив.

Берто потврди дека засега нема информации за загрозеност на институциите на Унијата, но по зголемувањето на нивото на будност на Белгија на трето ниво, ЕК го зголеми нивото на безбедност на жолто и со одлука на потпретседателката Кристалина Георгиева се воведени дополнителни безбедносни мерки за контрола на влезот на зградите со зголемена бројка на чуварите на безбедноста.

Сепак, таа додаде дека се работи за мерки за претпазливост и дека нема директна закана за безбедност на институциите на ЕУ.

Во исто време, дополнително приватно обезбедување, но и специјални полициски сили, се распоредени и пред седиштето на НАТО во Брисел.