Балкан

ЕУ ќе вложи милијарда евра во инфраструктура во Западен Балкан

ЕУ ќе вложи милијарда евра во инфраструктура во Западен Балкан

Европската унија ќе вложи милијарда евра во инфраструктурата на земјите од Западен Балкан, соопшти денеска Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, пренесува МИА.

– ЕУ планира да вложи милијарда евра во текот на следните пет години во развој и поврзување на сообраќајната и енергетската инфраструктура во регионот на Западен Балкан, што води кон натамошна интеграција со земјите-членки на Унијата, истакна шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Рензо Давиди.

Тој потсети дека во последните неколку години ЕУ дала поголема важност на поврзувањето на граѓаните и деловните субјекти ширум Европа поради промовирање на одржливиот економски раст.

– Како што најави еврокомесарот (Јоханес) Хан на 25 март во Приштина, првиот чекор подразбира повеќе од 100 милиони евра во рамки на ИПА-фондовите, кои ќе бидат достапни за сите земји заедно со кредитите за финансирање од европските финансиски институции. За користењето на парите, земјите во регионот прво треба да ја усогласат основната мрежа на транспортната инфраструктура за регионот, се наведува во соопштението.

Како што јави ФЕНА во соопштението се нагласува дека ЕУ е насочена да воспостави т.н. основна мрежа, со која ќе се поврзат главните градови, најголемите економски центри и пристаништата, како најважни приоритети.