ЕУ ќе воведе блокатори за мотор за возачите кои пиеле

Европската комисија воведува блокатори за мотор на автомобилите на лица кои претходно биле регистрирани како управуваат во алкохолизирана состојба како дел од реформите во борбата против зголемениот број смртни случаи во сообраќајни несреќи, објави МИА.

Со овие блокатори, моторот на возилото нема да може да се покрене ако се забележува алкохол во крвта на оној што седнал зад управувачот.

Заедно со брзото возење, брзото преминување низ светлосните сообраќајни знаци и некористење на појасите, возењето во пијана состојба е еден од четирите „големи убијци“ што предизвикува 75 отсто од смртните случаи на патиштата.

Овие уреди-блокатори, според објаснувањето на неформалната Влада на ЕУ, ќе можат да го спречат моторот на автомобилот да започне со работа, освен ако лицето зад управувачот нема алкохол во крвта. Па, така, со ова ново правило, во неколку земји-членки на ЕУ, оние што биле „фатени“ како возат во пијана состојба и се заведени како прекршители ќе можат и во иднина да го задржат правото да управуваат автомобил, но само ако користат возила опремени со алкохол-блокатори.

Во моментов, во Унијата се применуваат различни национални правила во однос на казните за возење во алкохолизирана состојба, па нема унифициран закон за казни во овој дел на ниво на сите земји-членки. Денешната иницијатива на Еврокомисијата е важен чекор за правилата за алкохолни-блокатори за истите да станат униформирано правило на ниво на ЕУ. Ова е клучен придонес за понатамошно подобрување на безбедноста на патиштата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.