ЕУ со нови извештаи, Македонија со осма перпорака и втора условена

препорака

Осмата препорака на Еврокомисијата за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, овојпат, како и минатата година, ќе биде условена, со тоа што ќе биде потврдена доколку се спроведат фер и демократски предвремени парламентарни избори во земјата на 11 декември, што ќе бидат признаени како кредибилни од страна на меѓународната заедница.

– Комисијата ѝ дава препорака на Македонија, но условена со спроведување на договорот од Пржино и со имплементирање на итните реформи. Ова прашање повторно ќе се отвори по изборите во април 2016 година, објави на ланската прес-конференција во Брисел комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
Овојпат, според очекувањата, се подготвува идентичен текст во однос на осмата препораката на ЕК за Европскиот совет во однос на Македонија, земја-кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, само што овојпат условот е „кредибилни и признаени парламентарни избори на 11 декември 2016 година“ кои се очекува да стават крај на двегодишната политичка криза.
Она што зачудува е тајновитоста на извештаите за земјите од процесот на проширување, чија содржина, вклучително и владите на самите земји, јавноста ќе ја дознае дури утре изутрина, што не било случај никогаш претходно. Наводно, извештаите се печатирани со воден жиг и може да ги отвори само еврокомесарот Јоханес Хан, кој утре изутрина ќе ги претстави пред Колеџот на комесари на Еврокомисијата, а потоа околу 11:00 часот и официјално ќе ги претстави пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ). Официјалната прес-конференција на Хан во ЕК, пак, се очекува да се одржи утре околу 13 часот.
Од Европската комисија одбиваат официјално да коментираат каква ќе биде содржината на предлог-извештајот за оваа година за Македонија, но и за сите останати земји од процесот на проширувањето. Во однос на Македонија, се очекува да се поздрават големиот број на реформи што го приближуваат македонското до европското законодавство, но и да се забележи назадување во однос на владеењето на правото и медиумската состојба во земјата. Исто така, Комисијата во овој извештај се очекува и официјално да побара продолжување на рокот за поднесување на обвиненија на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) и итно имлпементирање на препораките од бриселскиот експерт Рајнхард Прибе.
Во однос на целиот процес на проширување и земјите во него, утрешна „ѕвезда“ на извештаите се очекува да биде Албанија, за која Европската комисија се очекува да даде условена препорака за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, но да нотира голем напредок во земјата, додека критички извештај се очекува за Република Турција.
Генерално, за разлика од минатото, за оваа Еворпска комисија предводена од Жан-Клод Јункер, проширувањето на Унијата е „ланска тема“ поради официјалниот став дека за време на петгодишниот мандат на составот на Јункер во Брисел – проширување на Еворпската унија нема да има! Исто така, со оглед на тоа што Јункеровиот тим е наречен „политичка Комисија“, токму извештаите се очекува повеќе да бидат политички, а не базирани на систем на заслуги и исполнети реформи на земјите во однос на доближување на домачното до еворпското законодавство.
Како што е познато, од 2009 година наваму, Еврокомисијата дава позитивни препораки на Европскиот совет за почеток на преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, што поради грчките блокади на Советот досега не беше одобрено од страна на највисокото тело на Унијата. Лани и годинава, Комисијата дава условени препораки, бидејќи земјата е во напредна фаза од усогласувањето на сопственото со европското законодавство, додека причината за условеноста е политичката криза во Македонија што трае две години.
Инаку, годинава, првпат откако Македонија во 2004 година стапи во прва фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, летово не се одржа Совет за стабилизација и асоцијација со Унијата во Брисел. Истиот беше одложен за оваа есен и се уште нема најави дали и кога ќе се одржи што е голем преседан од страна на официјален Брисел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.