ЕУ очекува политичките лидери во Македонија да најдат излез од кризата

Европската унија очекува од политичките лидери во Република Македонија да најдат излез од политичката криза во земјата, ја повтори во име на официјален Брисел денеска пораката портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчиќ.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, запрашана дали договорот од Пржино постигнат на 2 јуни/15 јули минатата година и дефинитивно ќе пропадне ако не се одржат предвремените парламентарни избори во Македонија на 5. јуни, гласноговорничката на Еврокомисијата потврди дека претставниците на ЕУ и САД во Скопје посредуваат за да се дојде до договор, но беше децидна дека е се оставено на лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија.

– Многу добро е позната нашата позиција во однос на политичката криза што се уште трае во БЈР Македонија. Ние како ЕУ сме во постојан контакт со партиите и со засегнатите страни. Ние очекуваме од лидерите во Скопје да најдат излез од кризата за евроатлантски пат на земјата и за доброто на граѓаните. Говорејќи во овој контекст, можам да ви кажам дека контактите не терен се посредувани од амбасадорите на ЕУ и САД, истакна Маја Коцијанчиќ.