ЕУ одобри распределување на 40.000 бегалци низ Унијата

Унгарија ќе ги одбива барањата за азил на бегалците што не поднеле барање во Србија
Унгарија ќе ги одбива барањата за азил на бегалците што не поднеле барање во Србија

Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ го одобрија распределувањето во следните две години на 40.000 баратели на азил, кои се наоѓаат во Грција и Италија, низ земјите од Унијата.

Оваа одлука е времен и вонреден механизам за преселување на мигранти од Италија и Грција во други земји-членки во рок од две години. Тоа ги опфаќа лицата, кои имаат потреба од меѓународна заштита, а кои пристигнале и ќе пристигнат на територијата на двете земји во периодот меѓу 15 август 2015 година и 16 септември 2017 година, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Државите од ЕУ ќе добијат по 6.000 евра за секој прифатен мигрант. Данска и Велика Британија не учествуваат во оваа одлука, се вели во соопштението.

Тоа е важна политичка порака. Сега префрлањето на првите мигранти, кои имаат потреба од меѓународна помош, може брзо да почне, изјави луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн.

Прераспределувањето е доброволно и други земји од ЕУ досега ветиле да прифатат 32.256 баратели на азил. Целта е да се достигне бројката од 40.000 до крајот на годинава. Министрите разгледуваат, исто така, распоредување на уште 120.000 бегалци.