ЕУ подготвена за разговори со Бугарија за реализирање на „Јужен тек“

Еврокомесарот за енергетика Гинтер Отингер ја поздрави вчера одлуката на преодната бугарска Влада да ги спречи сите работи на проектот „Јужен тек“ и изјави дека Брисел е подготвен со властите на таа земја да разговара за нејзиното спроведување, соопшти бугарската Влада.

Соопштението е објавено по состанокот на претставниците на бугарските власти со Отингер и потпретседателот на Владата за економски развој, Екатерина Захариева, во Брисел.

Бугарското Министерство за економија и енергетика во понеделникот одлучи дека сите работи на проектот за гасоводот „Јужен тек“ ќе бидат стопирани, се додека проектот не биде целосно усогласен со европските прописи.

Министерот за економија и енергетика во преодната Влада, Васил Штонов испрати писмо до Бугарскиот енергетски холдинг, кој контролира 50 отсто од проектот „Јужен тек Бугарија“, додека преостанатите 50 отсто се во рацете на рускиот „Гаспром“ и од него побара да да ја обезбеди потребната помош од Европската комисија, со цел проектот да биде усогласен со европското законодавство.