ЕУ подготвува нови санкции за Русија

Европската унија и дава една недела рок на Русија да придонесе за деескалација на кризата во Украина или ќе се соочи со нови заострени санкции, кои би го погодиле финансискиот и енергетскиот сектор на земјата, пишува Дојче веле.

Лидерите на Европската унија на синоќешниот (30.08) самит во Брисел се договорија да воведат нови санкции против Русија, што ќе стапат во сила најдоцна за седум дена, освен доколку Москва не преземе чекори за смирување на украинската криза.

„Екстремно сме загрижени заради влошувањето на ситуацијата во Украина, рече претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој по маратонскиот состанок, што почна попладнето, а заврши по полноќ.

Тој изјави дека шефовите на држави и влади од ЕУ заради присуството на руските трупи на украинска територија на Европската комисија и‘ наметнале обврска да изготви нов пакет санкции кон Русија, што ќе стапат во сила во рок од седум дена доколку Москва не го промени своето однесување.

„Не е доцна за политичко решение“

Ван Ромпој избегна да даде објаснување за новите санкции, а не наведе ниту што конкретно ЕУ очекува од Русија за тие да не бидат воведени.

„Тоа зависи од ситуацијата на теренот, која ќе ја проценуваме секој ден, рече Ван Ромпој.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо по самитот укажа дека постои контраст меѓу приказните дека Русија е подготвена на дијалог и ситуацијата на теренот, која постојано се влошува.

„Ако Русија не го промени однесувањето, ќе дојде до трајно влошување на односите со ЕУ, а тоа на никого не му е од интерес, рече Барозо и додаде дека Москва треба да мисли на стратешките последици од военото ангажирање во Украина, рече тој. „Уште не е доцна за политичко решение, а воено решение нема“, нагласи Барозо.

Без испораки на оружје за Украина

Германската канцеларка Ангел Меркел по самитот беше многу поконкретна околу новите казнени мерки против Москва и изјави дека новите санкции би требало да го погодат финанскискиот и енергетскиот сектор на Русија.

Меркел уште истакна дека Европската унија не ја разгледува можноста за воени испораки за Украина. Претходно, дипломатски извор појасни дека какви и да било испораки од воен карактер можат да прават само одделни земји и тие немаат однос кон ЕУ како организација.

Истовремено, францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека „испораки на оружје за Украина не би биле корисни и би помогнале во разгорување на конфликтот“.

„Кон Русија го испраќаме токму овој сигнал – таа треба да ги прекине испораките на оружје за Украина и да помогне во решавањето на конфликтот“, подвлече тој.

Според Оланд, украинскиот претседател Петро Порошенко на самитот на ЕУ не побарал воена помош, туку на средбата станало збор само за прашањето на хуманитарната помош.